Горан Пандев – најдобриот македонски фудбалер неодамна и официјално замина во играчка пензија, за што доби поздрави и честитки буквално од целиот свет. Сепак не доби никакво внимание од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Пандев на ТВ24 посочи дека не му е баш сеедно што е игнориран од луѓето кои го предводат македонскиот фудбал, за кои смета дека треба да бидат сменети.
„Луѓето ја препознаваат мојата вредност, иако има и такви кои ја игнорираат Се надевам дека добро ја претставував Македонија и на сите им благодарам што ме поддржуваа. ФФМ стана приватна фудбалска федерација и мислам дека ако нешто набргу не се промени, не само што нема да напредуваме како репрезентација, туку и ќе назадуваме“ – изјави Пандев.
Тој смета дека во македонскиот фудбал има премногу политика, што влијае и врз резултатите.
„Јас не сакам да се мешам во политички работи, а кај нас во Македонија во сѐ има политика. Веројатно затоа играчите и заминуваат. Но, таа атмосфера ја создава ФФМ. Сите го знаат тоа, но никој не сака да излезе и јавно да го каже тоа. Потребни ни се луѓе кои сакаат да успеат во спортот“ – смета Пандев.