„Палењето на Културниот центар во Битола е варварски чин“

„Уште една провокација, варварски чин и дел од долгогодишната антибугарска кампања во Северна Македонија“.

Тоа е ставот на претседателот на Бугарија – Румен Радев за палењето на влезот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.

Бугарскиот претседател порача дека „институциите во Република Северна Македонија мора да ја сфатат својата одговорност кон помладите генерации и да не дозволат омразата да владее со јавниот простор”, пренесе БГНЕС.

„Сакаме да веруваме“, нагласува Радев во ставот што го соопшти прес-службата на шефот на државата, „дека повиците што денеска ги слушаме од официјалните институции во Северна Македонија – решително да се бараат сторителите на овој варварски чин, ќе се реализираат на дело. Палењето на културниот центар на Бугарите во Битола е уште една провокација, дел од долгогодишната антибугарска кампања во Северна Македонија. Толерирано повеќе или помалку од официјалните власти, со години наоѓаше израз во уривањето споменици, спомен-плочи, сквернавењето на воените гробишта поврзани со Бугарите и нашата заедничка историја. Преку навреда и искривување на историските вистинити текстови за Бугарија и Бугарите во учебници, книги, филмови, натписи во музеи и јавни места, таа ги труе и продолжува да ги труе умовите на многу генерации и да го попречува развојот на добрососедските односи меѓу двете земји“ – вели Румен Радев.

Според Радев, „не случајно Бугарија ги поставува најважните услови за нашиот договор за почеток на преговорите за членство во ЕУ, вклучување на граѓаните со бугарски идентитет во уставот на земјата како нација која ја гради државата и дава сигурни и неповратни гаранции за надминување на говорот на омраза. За жал, и денес владејачката партија и опозицијата во Република Северна Македонија не можат да постигнат парламентарно мнозинство за да ги исполни овие темелни критериуми на демократијата“.