Палевски: Не се чувствувам ниту како монструм, ниту како убиец

Палевски во своето сведочење рече дека не се чувствува ниту како монструм, ниту како убиец и негораше дека ги извршил грабнувањата и убиствата.

Првообвинетиот за убиствата и грабнувањата на Вања и Панче, Љупчо Палевски денеска во Основен кривичен суд Скопје негираше одговрност, тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури. Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум за прашањето со Бугарија.

Одговарајќи на прашање од неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, дали ги сторил убиствата Палевски, рече дека „не само што не сум го направил, туку немам мотив да направам такво злосторство“.

-Не сум извршил убиствата, ниту грабнувањата. Едноставно немам мотив за тоа, затоа што во депото на Основното јавно обвинителство, се наоѓа хард диск Тошиба кој го одземаа со записник во кој има преку 200 илјади телефонски разговори, гнасотии на оваа политичка елита, но и на новинарската професија и доколку сум сакал да реализирам какво било користољубие сум можел да уценувам милијардери со Ферари и останати, но, ете, тоа не сум го направил, рече Палевски.

Палевски, во својот исказ пред Судот, меѓу другото рече дека бил жртва на брутален медиумски линч на кој бил изложен од портали кои, како што рече „се под контрола на СДСМ и портали под контрола на ДПМНЕ“. Причините, за тоа, според Палевски, е што неговата политичка партија „Десна“ се обидела да организира референдум за прашањето со Бугарија, со кој, како што рече, „прекинуваат какви било политички разговори за идентитет, јазик и слично што оваа власт, ниту претходната, ниту таа пред неа, без исклучок, никогсш не го прашала сопствениот народ“.

Палевски, исказот пред Судот го почна со одговарање на прашањето „Кој сте“, на што рече дека „регистрирав политичка партија и бев претседател“, а дека претходно години се занимавал со политика и правел згради.

Во врска неговиот политички ангажман, она што смета дека е од интерес на овој судски процес, Палевски рече дека претходно биле многу конфронтирани како политички субјект со актуелната влада и политички процеси, но дека ќе објасни само за тоа што се случувало три месеци до ноември 2023 година.

–       Организирав и собрав потписи за распишување референдум за народот да се изјасни за Договорот за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, кое беше одбиено барање поради погрешен наслов. Потоа, во истиот месец, беа скенирани 50 илјади декларации подготвени за предавање на оригиналите на повардарскиот митрополит Агатангел. Во исто време се организираа и некакви штабови, општински организации на политичката организација на ПП „Десна“, рече Палевски.

Во исто време, Палевски посочи дека секој вторник, среда, петок, сабота и недела, тој лично емитувал програма во живо на неколку социјални платформи. Секој вторник, во 10 часот одел поткаст „Лицеум“, во среда од 21 часот „Крш Дебата“, а во петок и Извршен комитет на партијата на апликацијата Зум, затоа што четворица членови биле од Македонците низ светот.

-Освен оваа активност, во ноември месец 2023 заврши проектот банкстери за перење на пари во Република Македонија, во официјални банки, поддржано од Народна банка на Република Македонија. Проект кој започна со емитување на 28.11 во 21 часот, а требаше да биде на 26 во 22 часот од причини што доцнеа неколку докази, изводи од сметки, пасоши за мега трговци со оружје од Иран кои имаа депозити во македонски банки, не беа пристигнати сѐ уште тие докази кои беа воедно и последни кои недостасуваа, тоа беше причината за одлагање на последниот крш 113 како епизода од редовен поткаст во тој серијал на документи и криминал кој беше објавен само еден мал дел, три документи, затоа што после тоа бев уапсен, се наоѓа и причината за убиството на Никола Младенов, рече Палевски.

Според Палевски, се работи за фирма од Велес, Широко Езеро, преку која се испумпани огромен број на пари надвор од Македонија – 420 милиони долари во Комерцијална банка Скопје, на име на ирански државјанин, замрзнати средства од Стејт департментот, и 120 милиони долари на истото лице во Капитал банка.

-Во тие документи се содржани лични податоци на Иранскиот државјанин, но ја објавивме и одлуката за замрзнување на тие средства во Република Македонија затоа што Иранскиот бизнисмен продавач на „шахит“ ирански дронови на Руска федерација, и не успеав да ги објавам податоците, средствата се прилив од Република Србија. Тоа беше објавено, а требаше да следат уште десет подкасти дека Република Македонија е најголема прерална после Швајцарија. Но, не со видеа од двор, туку со официјални банкарски документи во форма на докази. Сето тоа го правев сам во организациска смисла и одговорност со пет до шест соработници од кои двајца се надвор од Република Македонија, појасни Палевски.

Сето тоа како ангажман во ноември 2023, што според Палевски е најдобра „слика за мојот лик и дело, мојата работа“.

Прашан дали лично се чувствува како што бил прикажан на првите прес-конференции на Обвинителството и МВР и по медиумите дека е монструм и убиец, Палевски рече „ниту едното, ниту другото.“

-А мотивите за таквото однесување, суспендирање на правото на пресумпција на невиност, не постои и тоа од причини што шефот на Скопското јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, и Оливер Спасовски се директно одговорни за перењето пари во Република Македонија. Оливер Спасовски дал согласност како министер за внатрешни работи, ирански државјанин, шверцер со дронови да отвори нерезидентна сметка во НАТО банки на Република Македонија. Токму таа одговорност и сериозен криминал според износите депонирани во Република Македонија и нејзините банки, е сосем доволна причина да се изврши морален атентат на еден човек, се компромитира човекот во целост, а инструментот по слушнат глас за ова јавно обвинителство не постои, службено да реагираат по допрен глас. Ова јавно обвинителство, мислам на скопското, не реагираат, идентично како и за оружјето во овој судски процес, изјави Палевски.

Според Палевски, и медиумите се комплетно „корумпирани од банкарскиот сектор и без поддршка од банкарскиот сектор нема да постојат“.

-Една и пол година врескаат дека докази има, јас додека бев во Турција, за тој период имав турски адвокат кој ме застапуваше пред турскиот суд и ме извести, ми даде принтана копија од вестите каде што бев опишуван како што бев опишан. На прес-конференцијата одржана на 5 декември кога е поднесена кривичната пријава, денеска гледам дека постоело само едно вештачење во моменти на одржување на тој прес, ЈО до подигнување на кривичната пријава го има вештачено само телефонот на убиениот Панче Жежовски и тоа две вештачења за папиларни линии и днк. Сите останати вештачења се правени после 5 декември, појасни Палевски.

Според Палевски, прашањето е во ваква масовна истрага „кој ги брифирал со лагите медиумите“, посочувајќи го како пример сведокот Гоце Трајковски, кој, како што рече „глуми Шерлок Холмс тука во судот“, а лично тој на полицискиот инспектор кој сведочење во случајот Каишиќ „му праќал скринови од некакви инфлуенсерки кои тврдат дека јас сум бил очув на Вања“.

–  Сето тоа некој уредно го пласирале на позади мене сместена една професија која егзистира крајно непрофесионално без ниту еден доказ како што предмалку кажав, шпекулации. Такви лаги се истурени во огромна количина, рече Палевски.

Во исто време, Палевски рече дека, директорот на КПУ Затвор, вршел приватни истраги, ги тепал и распрашувал обвинетите, а сите тие разговори на обвинетите, во порака се прашани на Гоце Трајковски, и дека во доказот 151 самиот Гоце „се фали на инспектор Калишиќ, што сѐ дознал преку неговиот брат, Сокол“.

-Така се хранети медиумите со лаги, за кои сметам дека биле должни да ги проверат, за да се заштити не само мојот, туку интегриритетот на семејството на убиеното дете. Но, тоа не направија. После една и пол година од настанот не постои наслов во медиумите каде што монструмот го посочува оружјето со кое што можело да биде сторено ова кривично дело. Таков наслов во нашите релевантни медиуми не постои. Самата политика која ја започнавме со политичката партија Десна е причина за ваквиот однос на медиумите, бидејќи е единствена политичка партија која покренала иницијатива за референдум за многу болно прашање, изјави Палевски пред судот.

На почетокот од денешното судење, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски одговори на неколку прашања на судијата Ивица Стефановски при што посочи дека од снимките кои што прибавиле, прегледани се камери од фризерницата, кафулето Синдикат, бензинска Окта и штедилница Папилон, сите локации поврзани со движењето на Вања.

Според него, јасно било дека Вања не можела пешки да стигне од ресторанот Мечос до Фитнес Хаус за краток период, споредувајќи го времето и локацијата од Google карти. Фокусот бил ставен на сомнително возило Цитроен кое се движело бавно, исфрлало густ чад, и делувало како да тргнало од непосредна близина.

Обвинетиот потврди дека пратил две СМС пораки на телефонот на Вања истиот ден, помеѓу 13-15 часот. Содржината на пораките била: „Сѐ што ќе побарате, сѐ ќе направиме“ и „Од родителите“, со надеж дека телефонот ќе биде вклучен и пораки ќе се прикажат.

Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беа сослушани и останатите обвинети.

Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задачата да чува стража. Таткото на Вања, Александар, во својот исказ прес Судот, негираше било каква поврзаност со случајот и дека не ги познава обвинетите.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.