Пак обид за договор за минимална плата, ако не се договорат – штрајк

За денеска во 16 часот е закажана нова средба меѓу синдикатите, работодавачите и Владата на која пак ќе се разговара за барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.

За синдикатите е неприфатлив предлогот на работодавачите изнесен на последниот Економско-социјален совет одржан во средата, бидејќи според пресметките на синдикатот во тој случај минималната плата во нето износ би изнесувала 16.164 денари.

Незадоволството од ваквиот предлог ќе го искажат денеска од 13:30 до 14:30 часот кога Претседателството и Советот на Сојузот на синдикати на Македонија како највисоки органи на синдикатот ќе ја блокираат улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанската комора на Македонија.

„Со она што го нудат минималната плата во нето износ би била 16.164 денари што за нас е неприфатливо во никој случај кога знаеме дека минималната синдикална кошничка изнесува 35.040 денари. Затоа утре по завршување на седницата на Советот на ССМ директно излегуваме со целото Претседателство на ССМ и сите штрајкувачки одбори на протест со блокирање на улицата пред седиштето на ОРМ и Стопанската комора на Македонија“ – изјави вчера Димовски.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија во средата предложија критериумите за определување на минималната плата да претрпат измени и очекуваат за ова да се изјасни Владата.

Според работодавачите, решението треба да е соодветно на сегашната состојба во економијата.

Од Владата се задоволни од дијалогот меѓу социјалните партнери и сметаат дека решението единствено треба да се најде преку дијалог со сите засегнати страни.

Доколку денеска не се постигне договор за минималната плата, синдикатот најавува генерален штрајк.