Падна „суперкартел“ одговорен за третина кокаин во Европа, Европол објави видео

Помеѓу 8 и 19 ноември беа извршени координирани рации низ Европа и Обединетите Арапски Емирати со што е срушен таканаречениот суперкартел за трговија со дрога, објави денеска Европол.

Во текот на истрагата биле уапсени вкупно 49 осомничени. Овој картел контролирал околу една третина од трговијата со кокаин во Европа. Обемот на увезен кокаин во Европа под контрола на осомничените бил огромен, а полицијата во текот на истрагата запленила над 30 тони дрога.

Во акцијата учествувале Шпанија, Франција, Белгија, Холандија, Обединетите Арапски Емирати и САД. Тринаесет лица биле уапсени во Шпанија, шест во Франција, десет во Белгија, 14 во Холандија и шест во Дубаи, меѓу кои и Холанѓанец со пасош на БиХ.