Падна првиот снег на Попова Шапка

Попова Шапка е местото на кое веќе се забележува убава снежна покривка. Иако се уште е недоволно за скијање, сепак можеме да уживаме во зимската идила, на сонце и чист воздух.

Под влијание на циклонска активност од запад и продор на студен воздух од север во петок попладне и навечер, а особено во текот на ноќта кон сабота и во сабота се очекуваат обилни врнежи од дожд на пониските места. Со приливот на студен воздух од север, врнежите од дожд на планините ќе преминуваат во врнежи од снег и ќе се формира снежна покривка. Во сабота снежната граница ќе се спушти дури и под 1000 метри, па така локално провејување на снег за прв пат во оваа сезона ќе има и на некои повисоки градови.

Од недела и во почетокот на следната седмица на повеќе места ќе има појава на мраз, што значи температурите ќе се спуштат под нулата. Максималните дневни температури за време на викендот значително ќе се намалат и тие ќе се искачуваат во интервалот само од 4 до 12 степени.

Целиот регион за време на викендот ќе биде под влијание на овој студен бран од север, па така на планините ќе дојде до формирање на првата позначителна снежна покривка (понекаде и за над 20 сантиметри), ова важи и за Македонија.