Паднаа цените на нафтата

Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари паднаа под 93 долари поради загриженоста за побарувачката поттикната од централните банки во САД и Европа, кои најавија повеќекратни зголемувања на каматните стапки за да ја скротат инфлацијата.

Цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 34 центи во однос на претходното затворање, на 92,83 долари. Речиси за исто толку барелот поевтини на американскиот пазар, каде што се тргуваше по 86,99 долари. Пазарите се фокусираа на најавата на централните банки дека поради високата инфлација би можеле повторно да ги зголемат каматните стапки, што ќе влијае на економскиот раст и на побарувачката на нафта.

Главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ), Филип Лејн, во средата повтори дека ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки бидејќи се фокусирани на инфлацијата. Повисоките цени на енергијата остануваат „доминантен двигател на инфлацијата“ во еврозоната, рече Лејн. Августовскиот извештај за инфлацијата во САД, исто така, ги намали надежите дека централната банка би можела да го ублажи темпото на заострувањето на монетарната политика во наредните месеци, покажувајќи дека месечните цени повторно благо пораснаа, по стагнирањето во јули.

На годишно ниво тие се зголемија за 8,3 отсто, а целта на Фед е стапка на инфлација од два отсто. Седницата на комисијата за монетарна политика ќе се одржи следниот вторник и среда. Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) предвидува дека поради сѐ поизразеното економско забавување и забавувањето на активноста во Кина, која спроведува строги мерки за сузбивање на ковид, глобалната побарувачка за нафта ќе стагнира во четвртиот квартал од оваа година. Позначителниот пад на цените го спречи оценката на ИЕА дека транзицијата на многу земји од гас на нафта ќе ја зголеми побарувачката во периодот од октомври до март следната година во просек за 700.000 барели дневно, двојно повеќе од пред една година.

Организацијата на земјите-извознички на нафта (ОПЕК) предвидува силен раст на глобалната побарувачка на нафта оваа и следната година, наведувајќи знаци дека ситуацијата во големите економии е подобра од очекуваното, и покрај предизвиците како што е високата инфлација. Некои аналитичари ваквата оценка ја сметаат за „пуста желба“. „ОПЕК продолжува да ја гледа глобалната економија преку розови очила, и покрај заканата од рецесија во неколку клучни економии“, рече Стивен Бренок од ПВМ. ОПЕК денеска не ја објави цената на барел од нафтената кошничка на своите членки. Во понеделникот барелот изнесуваше 97,50 долари.