„Паднаа маските“: Пленковиќ се огласи во врска со кандидатурата на Милановиќ за премиер

Премиерот и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ денеска изјави дека најавата на претседателот Зоран Милановиќ дека ќе се кандидира за премиер покажува дека маските конечно паднале.

„До денес имавме скриен лидер на опозицијата, а сега имаме мал калкулантски претседател и мал кандидат кој мисли дека нема да загуби како што изгуби во 2016 година и ќе му покажеме дека тој и Социјалдемократската партија ( СДП) исто така ќе загубат, по трет пат пат“, рече Пленковиќ на состанокот на ХДЗ во Осиек, пренесе Хрватската радио-телевизија.

Тој оцени дека Милановиќ направил „паничен потег“ што покажува, како што рече, дека СДП и опозицијата се слаби и дека се плаши од хрватското државно обвинителство.

Пленковиќ рече дека третата порака од неговата кандидатура е во врска со она што се случува со демократските процеси низ Европа.

„Токму кога се одржуваат избори во Русија, зарем ова не е можеби и обид да се извлече Хрватска од Западната заедница, ЕУ, НАТО, партнерството со САД, да ја врати или да ја испрати во прегратките на Русија? ” Дали е ова мешање во демократските процеси во Хрватска“, праша Пленковиќ и рече дека ХДЗ тоа нема да го дозволи.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ денеска соопшти дека на претстојните парламентарни избори на 17 април ќе биде кандидат на опозициската Социјалдемократска партија за премиер и носител на листата во 1-та изборна единица.

„Во животот на секој од нас има моменти кога треба да излеземе од комфорната зона, а тој час ми тропна на врата со наметнувањето на неодамна избраниот главен државен обвинител Иван Турудиќ“, рече Милановиќ, кој ја изненади јавноста со тој потег.

Претходно како претседател на државата денеска ги распиша парламентарните избори за среда на 17 април, откако пратениците вчера го распуштија Собранието. Според законот, претседателот беше обврзан да го одреди датумот на изборите во рок од 30 до 60 дена од распуштањето на Парламентот.

Тој подоцна на Фејсбук напиша дека одлучил да се кандидира како независен и непартиски кандидат на листата на СДП, чиј претседател беше тој. Милановиќ најави дека по победата на парламентарните избори ќе се повлече од функцијата претседател на Хрватска.

Дел од партиите, претежно левицата и центарот, ја поздравија одлуката на Милановиќ да излезе на избори каде ќе му се спротивстави на актуелниот премиер Андреј Пленковиќ, чиј главен критичар беше во текот на целиот мандат.

Бројни аналитичари во своите првични реакции посочија дека Милановиќ ризикува, но и дека и дава ветер во грбот на опозицијата која речиси и да немаше никакви шанси на парламентарните избори. Се посочува дека одлуката на Милановиќ ги направила изборите интересни и дека може да влијае на поголема излезност на гласачите.

Некои од нив, пак, го критикуваа, сметајќи дека претходно требало да поднесе оставка од функцијата претседател на државата.

Некои уставни експерти се согласуваат со ова и предупредија дека Милановиќ мора да поднесе оставка од функцијата шеф на државата пред да се кандидира за функцијата. Очекуваат Уставниот суд да се изјасни.

Петгодишниот претседателски мандат на Милановиќ истекува на почетокот на 2025 година, а редовните претседателски избори треба да се одржат на крајот на оваа година.