
„Вардариште не може да чека! Доста е со молк, одлагања и префрлање на одговорност! Вардариште не е тема за кампања – тоа е закана за нашето здравје и иднината на Скопје. Сакаме решенија, а не задкулисни игри!“, реагира еколошката организација „О2 Иницијатива“.
Оттаму прашуваат кој од кандидатите за градоначалници на Град Скопје, Општина Аеродром и Општина Гази Баба е спремен да даде јавно ветување за санација на дивата депонија Вардариште.
„Ајде, идни градоначалници – да видиме колку го сакате Скопје, како се заштитува Аеродром и како се сака Гази Баба!“, истакнуваат од организацијата.
Нивните барања, по приоритет, се: Итна изработка и активирање на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште, за што е потребно итна изработка и носење на двата ДУПа за Вардариште од страна на Општина Гази Баба; Додека проектите не се готови: запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор – во најбрз можен рок; и транспарентно известување за секој чекор, со прецизни рокови и конкретни активности за санација и ревитализација.
„Јавно и гласно обврзете се дека ќе ја решите оваа еколошка бомба! Ова не е борба за функција – ова е борба за ЖИВОТ и ЗДРАВЈЕ!“, апелираат од „О2 Иницијатива“.