Основниот кривичен суд – Скопје ги одобри спогобите постигнати помеѓу јавниот обвинител Лиле Стефанова од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и осомничените Сашо Мијалков и Tодор Мирчевски за случајот „Империја“, информираат од Основното јавно обвинителство.
Претходно, беа одобрени две постигнати спогоби за признавање на вина со осомничените во случајот и изречени затворски казни, како и уплатената сума во износ од 5,2 милиони евра
Обвинетиот Мијалков, како што информираат од ОЈО, ја призна вината и е огласен за виновен за кривични дела – Злосторничко здружување од член 394 став 1 и Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик и е осуден на 3 години казна затвор.
Тој дејствијата ги извршувал во група со други осомничени во предметот, преку правни лица основани во државава на кои им била прикривана сопственоста, но и оф-шор компании во странство. Приходите стекнати со пренос на капиталот обвинетиот не ги пријавувал во анкетните листови, иако за цел период опфатен со истрагата извршувал јавна функција.
Покрај изречената казна, со спогодбата му се конфискува имот вредност од 5.476.653,00 евра што ги надминува приходите што обвинетиот С.М. законски ги остварил и за кои дал лажни или непотполни податоци. Исто така, бидејќи не е можно конфискување на удел од 46% во вредност од 3.546.778,00 евра во правно лице ДПТУ Дивелоп Груп ДОО Скопје, 19.580 акции во вредност од 732.260,00 евра издадени од ЗК Пелагонија, 8.150 акции во вредност од 249.933,00 евра издадени од Бетон Штип АД што ги поседува правното лице ДПТУ Ексико ДООЕЛ и недвижен имот – куќа во вредност од 947.682,00 евра, се конфискува од обвинетиот друг негов имот во вредност од 5.476.653,00 евра и тоа парични средства во износ од 336.814.160,00 денари од банкарската сметка на правното лице ДТУ Макпоинт ДООЕЛ Скопје на кое единствен сопственик е обвинетиот С.М.