ОЈО за кривичната пријава за Ивановска: Поканата за испитување не е поврзана со нејзините политички активности

Ивановска, денеска на својот Фејсбук профил информираше дека 11 часа откако ја објавила кандидатурата, полицајци затропале на нејзината врата да ѝ врачат кривична пријава.

Основното јавно обвинителство Скопје се огласи во врска со кривичната пријава што ја добила поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и актуелна независна кандидатка за градоначалник на Општина Центар Билјана Ивановска, нагласувајќи дека станува збор за покана за испитување и оти истата на ниту еден начин не се доведува со нејзините политички активности.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.02.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.07.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“, се наведува во соопштението на Обвинителството.

МВР: Билјана Ивановска не е предмет на полициска истрага

Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека против Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, не се води никаква постапка во рамки на институцијата.

Од МВР потенцираат дека за сите пријави и постапки поврзани со Ивановска, единствено надлежно за давање одговори е Јавното обвинителство. Министерството додава дека сите информации во јавноста треба да се темелат на официјални податоци од надлежните органи, со цел да се избегне ширење на непроверени или неточни информации.

Ивановска, денеска на својот Фејсбук профил информираше дека 11 часа откако ја објавила кандидатурата, полицајци затропале на нејзината врата да ѝ врачат кривична пријава.

„Синоќа во 20:30ч двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам Поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација“, напиша таа.

Ивановска: По објавата на кандидатурата – полицајци на врата, покана од ОЈО за разговор