Оштетени се прозорците на црквата „Свети Атанасиј“ на тетовско Кале

Од Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ утринава соопштија дека во полиција пријавиле упад на манастирскиот имот „Св Атанасиј“ на тетовското Кале.

Во упадот оштетена е црквата, искршени се сите прозорци и направена е сериозна материјална штета.

Посочуваат дека ова се случува само десет дена по претходното пријавување на упад во манастирот и сквернавење на црквата со декорации од знаме на друга држава.

– Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото Воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност – соопштија од Тетовско-гостиварската епархија.