Очигледно е дека случајот со АНБ власта го планирала со месеци како оружје против СДСМ пред избори, вели Кузеска

Портпаролката на СДСМ повторно ја повика власта да не чека и да не одолговлекува со декласифицирањето на документите, за да можат да видат граѓаните дали премиерот навистина бил следен, кој бил следен и со кого тој комуницирал.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) вели дека случајот со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) власта очигледно го подготвувала со месеци за ѝ послужи како оружје против СДСМ пред избори.

Но, како што кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција „бомбата им пукнала в рака“.

„Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се извади од кашата во која самите се ставија, откако се заиграа со измислени шпионски афери за да дефокусираат од сопствената неспособност“, рече Кузеска.

Таа повторно го пренесе ставот на СДСМ кој бара декласификација на документите во врска со наводите за прислушувањето, во кое според тврдењата на власта таргет бил и премиерот Христијан Мицкоски, како лидер на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Таа ја повика власта да не чека и да не одолговлекува со декласифицирањето на документите, за да можат да видат граѓаните дали премиерот навистина бил следен, кој бил следен и со кого тој комуницирал.

„Бидете еднаш во вашето 30-годишно постоење храбри и чесни, барем тоа му го должите на овој народ. Па сите кои злоупотребиле – нека одговараат. Од што се плашите? Дали се плашите дека содржината на овие документи ќе ја разоткрие вистината – врските на премиерот со странски служби од непријателски држави? Дали е точно дека оперативната обработка која ја воделе АР и АНБ, а која власта упорно одбива да ја декласифицира, се однесува на откривање руски агентурни мрежи, екстремизам и финансирање на дестабилизација на државата? Дали е точно дека Мицкоски, иако не бил цел на следење, влетал во комуникација со лица кои работат на дестабилизација на Македонија, финансирани со странски пари? И најважното: дали дел од тие финансии завршиле лично кај Христијан Мицкоски или во сефовите на Белата Палата?“, изјави Кузеска на денешната прес-конференција.