Очекуваме зголемување на бројот на патници, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт

Најавени се голем број нови авиокомпании, голем дел од нив ќе летаат на нови дестинации и очекуваме зголемување на бројот на патници веќе од средината на оваа година, вели во видеоинтервју за МИА генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт.

Најавени се голем број нови авиокомпании, голем дел од нив ќе летаат на нови дестинации и очекуваме зголемување на бројот на патници веќе од средината на оваа година, вели во видеоинтервју за МИА генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт.

Тој информира дека се очекува за околу еден месец да стартуваат со работите предвидени со модернизацијата на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Во тек на планираните активности авиосообраќајот нема да биде запрен. Модернизацијата на аеродромот е обврска на ТАВ, согласно Договорот за концесија на аеродромите. Плановите се да се зголеми капацитетот на патничкиот терминал и да се обезбеди удобност за патниците кои ќе патуваат низ аеродромот.

Ако се погледнат очекувањата за развојот на сообраќајот на Охридскиот аеродром, посочува Курт, ова е вистинско време за овие активности и е воедно добра можност за сите нас.

– Процесот е веќе започнат, што значи дека очекуваме за еден месец од сега активно да започнеме со работа, бидејќи нели секако претходно беше потребно да финализираме одредени административни работи за проектот. Не е воопшто лесно да избереме било што да биде сработено бидејќи аеродромите се многу специфични како и начинот на кој нештата треба да бидат направени. При започнување со работа односно со реконструкцијата, нема да имаме прекин во работењето на аеродромот. Многу сме непопустливи кога се работи за функционалноста на аеродромот за време на реконструкцијата, сакаме ниту една работа да не е попречена. Само, ќе се работи во сегменти. Ќе се осигуриме ниту една функционалност да не е прекината, односно ќе започнеме со едната страна, а потоа ќе преминеме кон другата. Исто како што постапивме кога го реализиравме проектот за реконструкција на пистата на скопскиот аеродром пред неколку години, кога аеродромот не беше затворен, само направивме преместување на времето на полетување и слетување на одредени летови, вели Курт.

Како што најавува, ќе инвестираат 2,7 милиони евра во развојот и рехабилитацијата на Охридскиот аеродром, во терминалот за патници.

– Планот е со моменталните услови кои ги имаме, да видиме што можеме да направиме за да го подобриме капацитетот на терминалот за патници, се со цел да обезбедиме удобност на патниците кои ќе патуваат од овој аеродром. Го зголемуваме внатрешниот капацитет, ќе отстраниме некои канцеларии од внатрешноста за да го направиме целосно фокусиран на патниците, и ќе изградиме надворешен објект каде ќе имаме доволно простор за канцелариите, кујна и простор кој првенствено ќе го користат нашите вработени и секако владините органи како што се полиција и царина. Најважно, со ова ќе обезбедиме удобност на патниците кои патуваат од аеродромот, меѓутоа, исто така со ова ќе обезбедиме и удобност на нашите вработени кои ќе имаат нови канцеларии и простор за работа само за нив, кој го немаа веќе подолг период. Сакаме да биде еден многу ефективен процес, информира Курт.

Во јануари има пад на авиосообраќајот од 9 проценти, бидејќи, како што вели, ова е период кога има најмалку сообраќај. Со најавените нови дестинации очекува раст на бројот на патници на средината на годината.

– Споредено со 2024 година бележиме мал пад на сообраќајот поради некои направени промени и одлуки донесени од страна на авиокомпаниите односно проблеми кои ги имаа со авионите се досега. Пад од 9 проценти значи 221.000 патници. Меѓутоа во однос на она што го очекуваме, трендот расте, и во наредните месец или два очекуваме зголемување на овие бројки. Со нетрпение го очекуваме ова зголемување, со оглед на тоа што имаме голем број на нови авиокомпании кои се најавени, голем дел од нив ќе летаат на нови дестинации, што значи, зголемувањето го очекуваме веќе од средината на оваа година, објаснува генералниот директор на ТАВ Македонија.

На 27 март „Туркиш Ерлајнс“ стартува со авиолинија Охрид-Истанбул четирипати неделно, што, вели, е многу важно. Охрид и Македонија ќе бидат поврзани со сите дестинации на „Туркиш Ерлајнс“ што отвора многу можности особено за луѓето кои живеат околу Охрид и нема да мора повеќе да возат до Скопје и преку Охридскиот аеродром да ги користат можностите од аеродромот во Истанбул.

Во насока на обезбедување нови авиолинии споделува интерни информации за планирана средба за следната недела со раководството на аеродромот во Прага за соработка за тур оператори и за можноста за воспоставување линија Скопје-Прага.

– Сметам дека е една многу добра иницијатива и е дестинација која дефинитивно недостасува. Сакаме оваа дестинација да биде воспоставена во што поскоро и се надевам дека ќе биде успешна, вели Курт.

Покрај новата линија за поврзување на Охрид со Истанбул со „Туркиш Ерлајнс“ ги истакнува најавените нови дестинации од Скопје до Париз со „Изи џет“, до Барселона, Штутгарт и Лион со „Виз Ер“. Исто така и летовите на „Трансавија“ што стартуваа во неделата на релација Скопје-Аеродорм, линија која е обновена по 12 години пауза, како и чартер летовите што стартуваа од средината на минатиот месец на „Фрибрд Ерлајнс“, авиокомпанија ангажирана од македонски и германски тур-оператори во соработка со македонската Влада.

На зголемувањето на бројот на патниции и авиолинии посочува дека треба да се одговара со јакнење на капацитетите на аеродромските терминали. Секоја година, вели, бележиме зголемување на капацитетите на терминалите. Кога дојдовме, имавме 600 000 патници, а сега скоро да достигнеме и до 3 милиони патници.

Курт оценува дека ТАВ целосно ги исполнуваат обврските од Договорот за концесија и укажува дека во изминатите 14 години имаат инвестирано околу 300 милиони евра. Концесијата на аеродромите истекува за седум години, но работат на презентации за развојот на аеродромите во иднина, кои ќе ги споделат со Владата.

– Кога кажувам двата аеродрома, мислам на комплетно нови терминали во Скопје и Охрид, зборувам за целосно подобрување на аеродромот во Скопје во однос на големина во текот на наредните 20-30 години. Ова е дефинитивно планот кој ќе го споделиме, ние или можеби некој друг кој ќе преземе по нас бидејќи сепак е долг период се работи за наредните 20-30 години, и од стратешка гледна точка ова е нешто што треба да се истакне во следните неколку години, наведува генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт.