Охриѓанката што падна од тераса била турната, поднесени кривични пријави против две лица

Триесет и деветгодишната жена, која во петокот падна од тераса на трети кат од зграда, била турната, а полицијата случајот го води како обид за убиство за што е осомничен 32-годишен нејзин сограѓанин.

Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид денеска соопшти дека поднел кривична пријава против А.Д. (32) поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело убиство во обид. Кривична пријава е поднесена против уште едно лице, 21-годишниот Е.М., кој е осомничен за помагање.

Според полицијата, првопријавениот А.Д. во петокот (8 март) околу 11:30 часот по претходна расправија ја турнал 39-годишната М.О. од терасата на стан на улицата „Карпош Војвода“ во градот, инаку сопственост на второпријавеното лице.

Жената по падот, како што информираа од полицијата со тешки повреди е хоспитализирана во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, каде што ѝ се констатирани тешки телесни повреди.

Инаку, двајцата осомничени беа приведени по настанот, а денеска против нив се поднесени и кривични пријави.