Охрид со две победи над Олимпијакос се пласира во полуфиналето на ЕХФ Европскиот куп

Ракометарите на Охрид и во реванш-натпреварот од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп одигран вечерва на домашен терен го совладаа атинскиот клуб Олимпијакос со резултат 25:24 (14:12 полувреме).

Ракометарите на Охрид и во реванш-натпреварот од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп одигран вечерва на домашен терен го совладаа атинскиот клуб Олимпијакос со резултат 25:24 (14:12 полувреме).

Пред три илјади гледачи во целосно исполнетата сала „Билјанини извори“ во Охрид домаќините за нијанса беа подобриот тим и на крајот заслужено се радуваа.

Натпреварот беше доста тврд, гостите од Грција беа нешто поефикасни во вториот дел, дури и водеа еден гол разлика на неколку минути пред крајот, но сепак охриѓани не дозволија никакви изненадувања и со победа на радост на своите навивачи само го потврдија успехот постигнат во Атина.

Најдобри во редовите на македонскиот претставник беа голманот Филиповиќ со десет одбрани, Иванковиќ постигна девет, Јагуриноски четири гола.

Тренерот на ГРК Охрид, Борис Роевиќ, по натпреварот рече дека тој и играчите очекувале тежок меч, дека Челенџ-купот никогаш не бил посилен од оваа година…Она што е проблем е што како што посочи, играчите се веќе на истек на силите, мал е ростерот…

– Пред крајот малку го смиривме натпреварот, по тајм-аутот, на крајот оствариме уште една победа, што ми е мене мошне мило. Знаете, иако минуваме, сепак, поинаку е да се оди натаму со победа, сепак да ја израдуваме оваа прекрасна публика. На момците им честитам на феноменална борба, огромен успех за нас, ќе се обидеме да не останеме на ова, рече Роевиќ.