
Охридската архиепископија стана нов „камен на сопнување“ за историчарите. Експертите од бугарската страна во мешовитата историска комисија, имале забелешки како истата е претставена во нашите учебници.
Резултати и компромис од состаноците нема, но сега гласни се реакциите од црковните кругови. Претставници на МПЦ-ОА и на комисијата за односи меѓу верските заедници, оценија дека историската комисија не може и не смее да се меша во црковни прашања. И владици порачаа дека оваа комисија нема што да бара на нивен терен, затоа што црквата е одделена од државата. Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски, пак, смета дека очекувано било и темата за Охридската архиепископија да се отвори на состаноците на историчарите.
Ѓорѓевски смета дека нема подобар доказ за континуитетот на Охридската архиепископија, од признавањето од страна на Вселенската патријаршија. А, овие разговори кои ги водат историчарите и во кои како тема се најде и Охридската архиепископија, се обврска од Договорот за добрососедство со нашиот источен сосед.
Ѓорѓевски оценува дека во овој случај, бугарската страна се соочува со повеќе проблеми зошто ја отвора таа тема, бидејќи во нивните учебници отворено се кажува дека БПЦ е наследничка и на ОА. Ако се случи некаков компромис, тоа значи дека може да има некакви корекции таму, во нивните учебници. Изрази надеж дека македонската страна нема да отстапи од фактите кои сведочат за историскиот карактер на Охридската архиепископија.