Објавена е потврдата за смртта на актерот Метју Пери, кој ненадејно почина на 54-годишна возраст.
Во документот, објавен од Одделот за јавно здравје во Лос Анџелес, а до кој дојде The Blast, се наведува дека причината за смртта на Пери е „одложена“ во очекување на деталната анализа на неговите токсиколошки резултати, откако првичните резултати покажале дека тој нема траги од нелегални супстанци фентанил и метамфетамин, објави Индипендент.
Во документот се вели и дека актерот починал на 28 октомври во 16:17 часот во својот дом во Лос Анџелес и дека неговото безживотно тело било пронајдено во џакузи.
Во изводот на смртта стои и дека Пери работел во забавната индустрија како актер 38 години, а се наведува и дека сите потребни информации на истражителите им ги дал неговиот очув Кит Морисон.
Да потсетиме, најблиските пријатели и семејството на починатиот актер се собраа на интимна церемонија во Меморијалниот парк Forest Lawn во Лос Анџелес, во близина на студиото Warner Bros за последен пат да се простат од Пери.
Заедно со бројни пријатели и членови на семејството, на погребот беа и колегите од „Пријатели“, Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиза Кудроу, Мет Лебланк и Дејвид Швимер. „Анистон беше една од првите кои пристигнаа на погребот“, изјави извор за Дејли Мејл.