Официјална Софија не попушта – засега нема сигнал дела ветото ќе се тргне

Официјална Софија не покажува сигнали за промена на став и одговор на барањата на официјално Скопје за тргање на ветото и отворање на преговорите за влез на земјава во Европската Унија.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски вели дека не гледа значителна промена во однесувањето на Бугарија и смета дека шансите за деблокада до крајот на јуни се половични. Тој истакна дека и покрај сите случувања на европскиот континент со руската инвазија на Украина и сите геополитички мотиви што го доведуваат во прашање концептот на обединета Европа, бугарската позиција сè уште е тешка, и не се забележани значителни промени.

„Но, ако ме прашувате мене, ако прашувате за моето внатрешно чувство – во Северна Македонија сум познат како политичар кој го кажува своето мислење. Немам еден личен или друг официјален став. Ќе ги ценам нашите шанси за почеток на преговорите, конечно по 17 години во кои сме кандидат, на помалку од 50 отсто. Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло. Никогаш не рекоа „не си Македонец“. Во ситуацијата со Грција, дадовме можност, ако сакате да се идентификувате како етнички Македонец, можете да го направите тоа. Ако некои луѓе во Грција денес велат дека се Македонци, имаат право на тоа. Бугарија го оспорува идентитетот на Македонците и тоа е големиот проблем“ – вели Пендаровски.

Обесхрабрувачка е и изјавата на потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин кој вели дека Бугарија во моментов нема причина да го укине ветото за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ, бидејќи, како што вели, до „денешниот датум не е постигнат никаков напредок“.

Ставот на бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, пак, е сосема различен и вели дека доколку Бугарија не даде зелено светло за почеток на преговорите, тогаш тоа ќе резултира со забавување на развојот на регионот, што не е во полза на меѓународниот имиџ на Софија.

Ќучук вчера изјави дека ЕУ очекува од Софија да даде зелено светло на преговорите за членство на Северна Македонија во Унијата, додавајќи дека не постои начин како да им се објасни на идните генерации во Бугарија дека Албанија може да го започне преговарачки процес, а на „оние што ги дефинираме како браќа и имаме легитимна причина да бидеме историски многу блиски, им ја одземаме можноста да бидат дел од ЕУ“.

Според него, ако постои притисок од европските институции врз Бугарија, тоа не претставува надворешен, туку легитимен притисок, бидејќи и бугарскиот премиер Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска се дел од преговарачкиот процес на ЕУ.