
Отриз: Не гледам подобра опција за земјата од членството во Европската унија
„Треба да направите се што е потребно да бидете дел од тој процес“, додаде амбасадорот порачувајќи дека Шпанија целосно го поддржува членството на нашата држава во ЕУ, но таа треба да ги исполни Копенхашките критериуми, што мораат да ги исполнат сите земји.
„Не гледам подобра опција за земјата од тоа да биде членка на Европската унија“, порача денес шпанскиот амбасадор во Македонија, Рафаел Сориано Ортиз, на дебата организирана од Преспа институтот за евроинтеграцијата на Западен Балкан.
„Треба да направите се што е потребно да бидете дел од тој процес“, додаде амбасадорот порачувајќи дека Шпанија целосно го поддржува членството на нашата држава во ЕУ, но таа треба да ги исполни Копенхашките критериуми, што мораат да ги исполнат сите земји. Според него и пораката од ЕУ секогаш била истата, а процесот не треба да биде добар само за нашата земја, туку и за земјите во Унијата.
„Затоа условите треба да се исполнат. Сѐ уште чекаме уставните измени да се случат“, рече Ортиз. Иако оцени дека некои земји се заробеници на географијата, а регионот и заробеник на минатото, тој посочи дека ЕУ не прави комплексностите да исчезнат, но е вистинска рамка тие да се адресираат. Тој беше уверен дека различноста што ја имаме во Македонија ќе биде сфатена како богатство на регионот, а не како проблем.

Според друг дипломат, учесник во дебатата, пасивноста станува главен проблем во регионот, бидејќи проблемите не се решаваат од земјите, туку се оставаат на ЕУ. Тој на некој начин полемизираше со поплаките за неправдата кај нас што ни ја прави Унијата барајќи да ги внесеме Бугарите во Уставот, посочувајќи дека не сме ни први кои смениле Устав заради членство и дека тоа прва го направила Словенија. „Процесот е нефер, но е нефер за сите“, порача тој иако беше дочекан со забелешката – но со Македонија тоа предолго трае.
Гостин на дебатата беше шпанскиот историчар Јесус Нието Гонзалес, кој без ракавици му пријде на спорот меѓу Македонија и Грција како и на тој со Бугарија, иако најмногу инспирација најде во бугарските пасоши. Според него, првиот македонски устав бил 100 отсто иредентистички, а за да се смени историја треба да се плати многу висока цена, па советуваше да тргнеме од сегашната ситуација, или поинаку кажано да тргнеме од современоста, а не да копаме низ историјата. Според негова оценка Преспанскиот договор бил добар начин да се реши тоа, забележувајќи дека не гледа влади на Нова Демократија и на ВМРО-ДПМНЕ што би можеле да го постигнат тоа.
Запрашан како според неговите искуства и истражувања е прифатен Преспанскиот договор во Грција и какво расположение доминира, Гонзалес посочи дека успеал да најде само една книга со критичко мислење за спорот на Македонија со Грција, а лично со тоа се соочува и дома, бидејќи семејството на неговата сопруга, инаку Гркинка, ги нарекувало сите наши граѓани Скопјани, макар биле и од Битола или Охрид. Па запраша: „Што ако сите вие ги нарекувате Грците Атињани, тешко ќе биде да се проголта тоа“.
Зборувајќи за спорот со Бугарија тој посочи дека една беше ситуацијата кога во ЕУ имаше само шест или 12 земји членки, а друга сега со 27, поради што ЕУ треба да го преразгледа начинот како носи одлуки. Вака нејзината позиција во спорот со Софија сега е слаба.
„Она што се случува со издавањето на бугарските пасоши значи дека вие припаѓате на бугарско малцинство. Технички Софија може да се повика на тие 20.000, повеќе или помалку иматели на бугарски пасоши, дека има бугарско малцинство во вашата држава, што јас сега не го гледам. А, зошто има толку бугарски пасоши во Македонија? Затоа што не е земја членка на ЕУ“, заклучи Гонзалес. Па запраша: „Можете ли да замислите ситуација 45-50 отсто од популацијата овде да има пасош од друга држава“, посочувајќи го тоа како проблем и од аспект на најавите за одвојување на Македонија од Албанија во евроинтегративниот процес.(Независен)