Отпуштен од работа е анестезиологот кој снимал пациентки и ги постирал на социјалните мрежи

Анестезиологот Валтон Дервши, кој направи скандал со директното вклучување во живо на Тик-ток од салата на тетовската гинекологија е отпуштен од работа.

Министерот за здравство рече дека комисијата на Лекарската комора започнала процедура и за одземање на лиценцата за работа.

Меџити најавува засилени контроли во сите здравствени установи, а од Обвинителството бара случаите како овој да бидат најстрого казнети.

„Не зборуваме за суспензија, туку за отпуштање од работа, а лицето е уапсено. Го охрабруваме и обвинителството да постапува по овие случаи до крај. Сите неправилности и пропусти ќе бидат санкционирани. Строги контроли ќе има во однос на здравствениот сектор. Отсега здравството нема да биде исто како што беше“, рече Фатмир Меџити.

Директорот на болницата Пелумб Вела кој случајот го пријавил во полиција, го потврди отказот за анестезиологот.

„Изразувам жалење за случајот што се случи во нашата болница. Сакам да информирам дека јас како директор, по добиената информација, случајот го пријавив во тетовската полиција. Потоа, во разговор со министерот, јас и организациониот директор донесовме решение за престанок на работниот однос на ова лице бидејќи направи повеќе прекршувања во работното време“, рече тој.

„Околу 23:00 часот, припадници на полицијата од СВР Тетово, во тетовското село Одри, го лишиле од слобода 43-годишниот В.Д. од ова село, бидејќи претходно бил пријавен од директорот на клиничката болница во Тетово дека истиот во работното време во салата на гинеколошкото одделение снимал и објавил видео во живо додека медицинскиот персонал вршел работи врз пациентите од ова болница. Лицето е задржано во СВР и за случај е известен јавен обвинител, а по документирање на случајот против него ќе биде поведена соодветна пријава“, рече Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.