Откриен тунел за криумчарење мигранти од Белорусија во Полска

Полските гранични служби открија илегален премин на полско-белоруската граница, преку кој повеќе од 180 странски државјани нелегално влегле на територијата на Полска. Мигрантите користеле подземен тунел ископан под брана во близина на местото Наревка, во регионот Подласије.

Полските гранични служби открија илегален премин на полско-белоруската граница, преку кој повеќе од 180 странски државјани нелегално влегле на територијата на Полска. Мигрантите користеле подземен тунел ископан под брана во близина на местото Наревка, во регионот Подласије.

Според информациите на Полската гранична полиција, благодарение на интегрираните електронски системи за надзор, службите брзо ја лоцирале групата откако тие излегле од тунелот. Досега се приведени повеќе од 130 лица, додека потрагата по останатите сè уште е во тек.

Тунелот бил долг речиси 100 метри и висок околу 1,5 метар. Влезот се наоѓал на белоруската страна, скриен во шума на околу 50 метри од официјалната граница, додека излезот бил лоциран само 10 метри внатре на полска територија.

Во потрагата и апсењето учествувале и војници, полициски службеници и специјално обучени кучиња за следење, што овозможило брза интервенција и приведување на најголемиот дел од мигрантите.

Меѓу приведените доминираат државјани на Авганистан и Пакистан, но има и лица од Индија, Непал и Бангладеш. Истовремено, приведени се и двајца возачи, 69-годишен државјанин на Полска и 49-годишен државјанин на Литванија, кои се сомничат дека биле дел од мрежата за криумчарење и имале задача да ги пренесат мигрантите кон западна Европа.

Истрагата за случајот е во тек. Од Полската гранична служба информираат дека ова е четврти ваков тунел откриен годинава од страна на Подласкиот оддел на граничната полиција.

Надлежните институции нагласуваат дека комбинацијата од електронски системи за надзор и физичко обезбедување на границата овозможува брза реакција и спречување на обиди за нелегално преминување на државната граница.

Извор: infomax.mk