
Канадската компанија Централ Јуропиан Петролеум (Central European Petroleum) вчера соопшти дека открила големо наоѓалиште на нафта во близина на балтичкиот брег на Полска.
Според резултатите од пробните дупчења, обновливите резерви на сурова нафта и природен гас се проценуваат на 200 милиони барели нафтен еквивалент, соопшти компанијата.
ЦЕП соопшти дека офшор нафтеното поле Волин Исток се наоѓа на околу 6 километри од пристанишниот град Свиноујшќе, кој се наоѓа на крајниот северозапад на Полска, на границата со Германија, пренесе ДПА.
Компанијата информира дека локацијата Волин Исток се проценува дека претставува „најголемо конвенционално наоѓалиште на јаглеводороди“ досега откриено во Полска и „едно од најголемите конвенционални откритија на нафта во Европа во изминатата деценија“.
Доколку наоѓалиштето биде потврдено, ова „може да се покаже како еден од пресвртните моменти во историјата на истражувањето на јаглеводороди во Полска“, изјави главниот национален геолог на земјата, Кшиштоф Галос.
– Доколку ова откритие на крајот биде потврдено, наоѓалиштето Волин Исток би можело да стане најголемото нафтено и придружно поле на природен гас откриено во Полска досега, продолжи Галос. „Идниот развој на оваа локација може значително да придонесе за зајакнување на енергетската безбедност на Полска и намалување на нејзината зависност од надворешни добавувачи на јаглеводороди“.
Ископувањето би можело да почне за три до четири години. Полето би можело да покрие четири до пет проценти од годишната побарувачка на нафта во Полска во текот на неколку години, изјави Галос за новинската агенција ПАП.
ЦЕП поседува лиценца за истражување во близина на западниот полски брег од 2017 година.