Поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел се вратија во Белата куќа по повеќе од пет години за откривање на нивните официјални портрети.
Автор на портретот на поранешниот демократски претседател е Роберт МекКурди, додека портретот на поранешната прва дама е дело на Шерон Спрунг.
„Постојат малку луѓе што ги познавам кои се почесни, попристојни и похрабри од Барак Обама“, рече претседателот Џо Бајден на свеченото откривање на портретот.
„Ништо не можеше да ме подготви подобро за мандатот на претседателот на САД од тоа да бидам со вас осум години“, додаде тој.
Белата куќа е полна со големи, формални портрети на поранешните претседатели и нивните сопруги.
Поранешниот претседател обично се враќа во Белата куќа на откривањето на неговиот портрет за мандатот на неговиот наследник, но администрацијата на републиканскиот претседател Доналд Трамп не одржа церемонија за двојката Обама.
Во времето на Обама, Бајден беше потпретседател на САД и заедно со сопругата Џил беше близок со Барак и Мишел Обама.
Досега Обама само еднаш се вратил во Белата куќа откако ја напуштил функцијата, а тоа беше во април кога му се придружи на Бајден на настан поврзан со законот за здравствено осигурување, т.н. „Обамакер“. Инаку светските медиуми деновиве се преполни со наслови за наводен развод на двојката Обама, поради тоа што поранешниот претседател не можел веќе да го поднесе однесувањето на Мишел , која има амбиции да се наметне во Холивуд.