Унгарските власти ги отпуштиле шефовите на метеоролошката служба откако погрешно било најавено лошото време, поради што бил одложен голем огномет, јавува „Би-би-си“.
„Најголемиот огномет во Европа“ беше закажан за сабота навечер во Будимпешта, на денот на Свети Стефан, националниот празник на Унгарија. Планирано е да се испукаат 40 илјади парчиња пиротехника од 240 точки распослани на 5 километри долж Дунав.
Но, седум часа пред почетокот на церемонијата, владата ја одложи за следната недела поради лошите временски услови. На крајот времето остана стабилно, поради што беа сменети раководителот и заменик-раководителот на метеоролошката служба, велат информациите.
Метеоролошката служба во неделата се извини за погрешната прогноза, велејќи дека „најмалку веројатно“ сценарио се остварило и дека неизвесноста е составен дел на метеорологијата.
Министерот за иновации, Ласло Палковиќ, во понеделникот ги разрешил шефовите, пишува „Би-Би-Си“.