Откажани 700 летови на четири аеродроми во Германија

Полетувањата од четири аеродроми во Германија се откажани денеска и утре, поради штрајкот на безбедносните контролни работници. Засегнати се најмалку 100.000 луѓе.

Германското аеродромско здружение АДВ информира за околу 700 појдовни летови кои ќе бидат откажани поради штрајкови на аеродромите во Дизелдорф, Хамбург, Келн и Бон.

Слетувањето на аеродромите сепак ќе е можно, но се очекува летовите да бидат одложени или откажани.

Синдикатот исто така, го повика персоналот за безбедност утре да ја прекине работата на аеродромот во Штутгарт, а не се знае колку откажувања ќе предизвика тоа.

Причина за штрајкот се преговорите меѓу синдикатот и Федералната асоцијација на компании за воздухопловна безбедност (БДЛС) за бонуси за ноќни смени, работа во сабота, недела и државни празници, кои не постигнале напредок.

Високата инфлација во најголемата европска економија предизвика бран штрајкови во последниве месеци бидејќи работниците бараат повисоки плати за да се надоместат зголемените животни трошоци.