Отворени избирачките места на северот на Косово – Србите најавија бојкот

Во Косовска Митровица утрово беа отворени избирачките места за гласање во четири општини на северот на Косово за смена на градоначалниците Албанци избрани на изборите во април 2023 година.

Сите српски партии повикаа на бојкот, а Српска листа истакна дека Приштина направила се за да не успее референдумот и дека се предвидени невозможни процедури за гласање.

Во северниот дел на Косовска Митровица гласачките места се отворени во 7 часот и на нив засега нема гласачи, присутни се само претставници на општинската изборна комисија.

Улиците во северниот дел на Косовска Митровица се празни и на нив речиси и да нема луѓе.

Централната изборна комисија во Приштина соопшти дека ќе се гласа на вкупно 23 избирачки места.

Првично, гласањето беше планирано да се одржи на 43 избирачки места, но директорите на училиштата во северно Косово одбија да се откажат од училишните згради за гласање.

Избирачките места се во општински згради, деловни субјекти, училишта кои работат по приштински систем, а контејнери се поставени и во Зубин Поток, што беше случај и на изборите во април минатата година, кои беа бојкотирани од Србите.

Сите политички субјекти што ги претставуваат Србите ги повикаа граѓаните да го бојкотираат денешниот референдум поради бројните опструкции од Приштина.

Според административните инструкции донесени од привремените власти на Приштина, за смена на градоначалникот потребно е да се соберат 50 отсто плус еден глас од вкупниот број запишани избирачи, што е многу тешко остварливо, имајќи предвид дека поради постојан притисок од Приштина, 15 отсто од Србите го напуштија северно Косово.