Отворање на изложбата „Простори на конјункција“ во македонскиот КИЦ во Истанбул

Во галеријата на македонскиот Културно информативен центар во Истанбул, денеска, ќе биде отворена изложбата „Простори на конјункција“, во организација на КИЦ – Истанбул и Националната галерија на Македонија.

Во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, денеска, ќе биде отворена изложбата „Простори на конјункција“, во организација на КИЦ – Истанбул и Националната галерија на Македонија.

Изложбата претставува нова страница во соработката меѓу двете институции и можност истанбулската публика да се запознае со современата македонска уметност.

– Преку графика, цртеж, фотографија, видео, објект и колаж, уметниците отвораат дијалог меѓу индивидуалното и општественото, претворајќи го уметничкиот чин во простор на тензија, симбиоза и интерпретација. Изложбата го утврдува уметничкиот израз како динамичен простор во кој личните и интимни фрагменти се преплетуваат со колективната меморија и културните матрици. „Простори на конјункција“ е емотивно и визуелно патување низ спомени, граници и културни слоеви, документ и мапа на времето во кое живееме. Уметноста тука не е стабилна, туку жива и променлива, како колаж што постојано се составува повторно, велат од КИЦ – Истанбул.

На изложбата ќе бидат претставени дела од авторите Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Георги Десподов, Моника Мотеска, Дарко Алексоски, Методи Ангелов-Мето, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Верица Ковачевска, Марија Сотировска, Кристијан Јовановски, Марико Исеини и Игор Сековски.