Осумнаесет години од загинувањето на Тоше Проески

Земјава и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред осумнаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

Земјава и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред осумнаесет  години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

Една од традициите за сеќавање на Тоше е маратонот кој маратонците од Нова Градишка го трчаат до Крушево. И оваа година четиринаесет учесници го трчаат 18-тиот маратон во чест на Тоше.

Маратонот почна од Нова Градишка, пред неговото спомен обележје, а денеска, на годишнината од неговото загинување, маратонците треба да пристигнат во Крушево.

Крајната цел на маратонците е вечното почивалиште на Тоше Проески, споменичното обележје на Гумење во Крушево.

Крушево се подготвува да одбележи уште еден роденден на големата македонска и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. На 25 јануари се навршуваат 39 години од неговото раѓање.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик.

Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.