Осуда за апсењето на новинарот Фуркан Салиу

„Го осудуваме овој недемократски чин и бараме негово ослободување. На сите им е јасно дека ова е обид за замолчување откако новинарот објави афера директно поврзана со ДПМНЕ. На чело на СВР Скопје и ЕБР се ново поставени началници од страна на Тошковски, значи началниците назначени од Тошковски и ДПМНЕ дале наредба за апсење на Салиу. Ова е загрозување на слободата и демократијата, на слободата на говорот, директен притисок врз независните новинари врз они кои истражуваат и работаат за јавниот интерес. За 7 години на власт на СДСМ, не само што нема уапсен новинар, туку Владата на СДСМ донесе законски решенија со кои се гарантираат заштитата на новинарите , а ДПМНЕ за само два месеци покажа како мисли да ја практикува власта ако ја добие со сила“, рече Дарко Каевски од СДСМ на вонредна прес-конференција во врска со апсењето на новинарот Фуркан Салиу.

Со осуда за апсењето се јави и претседателскиот кандидат Арбен Таравари.

„Го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Според сите докази, неговото апсење е извршено под услови на извршување на неговата професија. Барам што поскоро ослободување на новинарот Фуркан Салиу и расветлување на случајот, се сеќавам и на изјавата на Леке Дукаѓини: Гласникот не е виновен за веста што ја дава! Не го осудувајте Гласникот туку Веста“, реагираше Таравари.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа докрај да се расветли случајот.

„Ја браниме и во целост ја почитуваме новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без било какви пречки. Секој еден новинар ја има нашата поддршка. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува насилство, и осудуваме било каков напад врз службено лице на МВР. Тоа треба да се осуди од сите чинители и доколку се потврди дека тоа е сторено, тогаш сторителот треба да ги сноси сите последици согласно законите и Уставот. Бараме целосно да се расветли случајот со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу и да се почитуваат сите негови права и слободи како новинар“ соопштија од опозициската партија.