
Оставката на Ристоска е пример на интегритет – анализира Форумот за разумни политики
Од Форумот за разумни политики посочуваат дека случајот со Ленче Ристоска е пример на јавно повлекување од функција со образложение засновано на лични и професионални принципи, со што, како што додаваат, се врши усогласување помеѓу принципите и дејствијата и покрај сложениот институционален и политички контекст.
Случајот со оставката на обвинителката Ленче Ристоска е пример на интегритет и поставување стандарди за одговорно однесување во јавна функција, особено во услови на институционално несогласување – пишува невладиниот Форум за разумни политики во петтиот анализиран случај во рамките на Индексот на политички интегритет, кој се однесува на оставката на скопската јавна обвинителка.
„Согласно методологијата на Индексот на политички интегритет, ваквиот тип дејствие – повлекување од функција во услови на несогласување со институционалните практики, се вреднува како ‘Градител на норми’, бидејќи поставува стандард за одговорно однесување во јавна функција“ наведуваат од Форумот за разумни политики.
Оттаму посочуваат дека случајот со Ленче Ристоска е пример на јавно повлекување од функција со образложение засновано на лични и професионални принципи, со што, како што додаваат од Форумот, се врши усогласување помеѓу принципите и дејствијата и покрај сложениот институционален и политички контекст.
Случајот со скопската обвинителка, како што се посочува во анализата, отвора прашања за условите за работа во обвинителството, степенот на независност на обвинителите, односот меѓу личниот интегритет и институционалниот контекст, а воедно влијае врз перцепцијата за интегритетот на институцијата и довербата на граѓаните
„Клучниот аргумент во овој случај е усогласеноста помеѓу јавно изнесените ставови и донесената одлука. Ристоска укажува на ограничувања во својата професионална автономија, политичките притисоци, и на неможност да работи согласно сопствените принципи, по што следува конкретен чекор – повлекување од функцијата. Одлуката за оставка претставува конзистентен чин во однос на јавно изнесените ставови“ се додава во анализата на Форумот за разумни политики.
Јавната обвинителка Ленче Ристоска минатата недела поднесе оставка од функцијата поради, како што наведе, долгогодишни притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и државниот јавен обвинител со кои ѝ се одземаат предмети на кои работи изминатите години. Во отвореното писмо, Ристоска упати критики до системот, посочувајќи дека нејзиниот интегритет бил директно нападнат.
Ленче Ристоска ја напушта обвинителската функција – поднесе оставка.