Османи: Ќе ѝ предложам на Владата законот за здруженија да биде испратен до Венецијанската комисија за да се утврди дали е спорен или не

Коментирајќи ги забелешките за законските измени усвоени од македонското Собрание со кои се забранува здруженија и партии во земјава да носат фашистички имиња, министерот Бујар Османи најави дека ќе ѝ предложи на Владата законските измени да бидат испратени до Венецијанската комисија за да се утврди дали има спорни елементи во законите.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега, министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, Османи кажа оти овие законски измени усвоени од Собранието имаат за цел да одговорат и да спречат евентуално саботирање на заедниците од страна на други чинители.

„Но, ќе кажам јавно, тоа што се оспорени одредени прашања во самиот закон јас ќе предложам до Владата да го прати законот во Венецијанската комисија за таа да каже дали има елементи кои се спорни во тој закон или не“ – рече Османи.

Османи ги поздрави иницијативите на надлежните институции во зајакнување на соработката на полето на културата меѓу двете земји преку официјалните културно-информативни центри во Скопје и Софија, и посочи дека тоа е вистинскиот начин за културна и општествена промоција.

„Ова особено го сметам за важно затоа што изминатиот период бевме сведоци како се злоупотребуваат овие теми и преку манипулација на чувствата на граѓаните се креираат непријатни настани чија крајна цел е да се киднапираат активностите на двете земји за унапредување на добрососедските односи“ – рече Османи.

Во таа насока, одговарајќи на новинарско прашање дали во Благоевград ќе биде отворен и официјален македонски културен центар, Османи кажа оти по однос на ова прашање МНР на двете земји треба да ја водат соработката, за , како што повтори, да не дозволиме други да ни ја киндапираат агендата и да ни наметнат своја агенда.

„Затоа, не случајно спомнав дека културно-информативните центри во Скопје и Софија се начините на кои треба да се општат културите меѓу двете држави. Се разбира, граѓаните имаат право да се здружуваат по секој основа, но тоа мора да биде во духот на пријателството, соработката и добрососедството. Токму тоа сакаме да го промовираме“ – заклучи министерот Османи.

Пратениците и од власта и од опозицијата неодамна без ниту еден глас против, ниту воздржани со 67 гласови „за“ ги изгласаа измените на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и Законот за политички партии, поднесен од СДСМ, со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња.

Предложените законски измени на двете партии уследија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.