Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе прати официјална протестна нота до Бугарија поради последната изјава на европратеникот Ангел Џамбаски кој упати навреди на адреса на премиерот Димитар Ковачевски и изрази отворени територијални претензии.
Османи вели дека реакцијата ќе биде на изјавата на европратеникот како говор на омраза, која според сите и меѓународни и билатерални договори што ги имаме со Европската Унија е основа за да се реагира.
„Иако досега се обидувавме да го игнорираме, затоа што целта на европратеникот е да ги искористи тие реакции за себепромоција, овој пат ги надмина сите граници на провоцирање и тука мора да реагира и бугарската држава бидејќи тоа се веќе територијални претензии и навредлив говор кон народ и тоа нема да го премолчиме“ – најави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.
И министерската за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, на денешната прес-конференција со Османи го осуди однесувањето на европратеникот Џамбаски.
„Министерот Османи ме извести и за овој немил настан на Џамбаски. Се надевам дека денеска ќе испрати дипломатска нота. Станува збор за навреда на граѓаните на Северна Македонија и јас бев сведок и ги осудував неговите активности, изјави и сите тие провокации во период кога државите обезбедуваат позитивна средина во вакви услови. Ги повикувам сите пријатели во Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари кои внесуваат раздор, нерасположение и конфликти меѓу населението. Секоја провокативна, навредлива изјава бара реакција, министерот ја кажа реакцијата со вербална нота, јас тоа го поддржувам и во слична ситуација и јас би реагирала така“ – рече Фајон.
Пред неколку дена во видеообраќање, пред карта на голема Бугарија, со делови на Албанија, Србија и цела Македонија во неа, европратеникот Џамбаски изрече куп навреди кон премиерот Димитар Ковачевски, но и кон македонскиот народ и држава.
Според него, Ковачевски бил „машка секретарка“ на средбите на бившите премиери Бојко Борисов и Зоран Заев, а „македонизмот е антибугарска, нацистичка, фашистичка и болшевичка идеологија која има задача да ги искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија. Тоа е фалш идентитет кој е антибугарски“.