Бујар Османи – македонскиот министер за надворешни работи од утре ќе биде во работна посета на Брисел. На покана на министерот за надворешни работи на Грција – Никос Дендијас ќе учествува на работен појадок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија.
На појадокот ќе бидат присутни и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи.
„Османи во Брисел ќе се обрати пред европратениците, членови на Комисијата за надворешна политика – АФЕТ, на покана на Претседателот на оваа Комисија, Дејвид Мекалистер, а ќе има средба и со „Пријателите на Северна Македонија“ во Европскиот парламент, група која е составена од европратеници, поддржувачи во ЕП и кои доаѓаат од различни парламентарни групи во ЕП. Дополнително во Европскиот парламент, Османи ќе има и други одвоени средби, меѓу кои со известителот на Европарламентот за земјава, Илхан Ќучук, со координаторот во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), Михаел Галер, и со координаторот на социјалистите во АФЕТ, Тонино Пицула“ – соопштија од МНР.
Во рамки на програмата се предвидени и средби на Османи со високи официјални претставници на европските институции, меѓу кои и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи, а шефот на македонската дипломатија ќе се сретне и со својот чешки колега, Јан Липавски.