
Османи ја активира „Градежна стража“ – механизам против урбаниот хаос во Чаир
Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска го претстави третиот клучен механизам од својата програма за борба против урбаниот хаос и нелегалното градење - системот „Градежна стража“. Механизмот, како што рече, има цел да стави крај на бесправното градење, урбаниот хаос и политичката заштита на нелегалните објекти, се наведува во соопштението од ДУИ.
Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска го претстави третиот клучен механизам од својата програма за борба против урбаниот хаос и нелегалното градење – системот „Градежна стража“. Механизмот, како што рече, има цел да стави крај на бесправното градење, урбаниот хаос и политичката заштита на нелегалните објекти, се наведува во соопштението од ДУИ.
„Во Чаир одамна е изгубено чувството за ред и поредок во градењето. Се гради без дозвола и без план, и тоа директно поддржано од општинските власти. Граѓаните гледаат како нивната општина се претвора во бетонска џунгла. Овој урбан хаос нема да продолжи“, порача Османи.
Механизмот „Градежна стража“ е концепт изграден од сет на пет алатки насочени кон спречување и транспарентно надгледување на градежните процеси:
1. Урбанистички скенер – Јавна интерактивна мапа во реално време, која ќе ги прикажува сите информации за градбите во Чаир. „Ќе се гледа дали градбата има дозвола, дали има пријава за бесправност, во кој статус се наоѓа постапката – легализација, уривање, жалба“, објасни Османи.
2. Анонимна пријава на сомнителни градби – Секој граѓанин ќе може анонимно да пријави бесправна или сомнителна градба. „Граѓаните добиваат алатка во рака, а институциите добиваат јавен надзор кој повеќе не можат да го игнорираат“, рече тој.
3. Јавна табла со QR-код на секое градилиште – Секој објект во градба ќе има обврска да постави информациски постер со QR-код што ќе овозможи пристап до податоци за инвеститорот, дозволата, надзорот и рокот на градба. „Ова е јавна контрола на дело и крај на лажните дозволи, манипулациите и штанцаните документи“, изјави Османи.
4. Црвена линија за пријава на нерегуларности и корупција – Преку телефон, веб-форма или Viber/WhatsApp канал, граѓаните ќе можат да пријавуваат притисоци, нерегуларности или коруптивни практики. Пријавите автоматски ќе се проследуваат до антикорупцискиот тим, општинскиот инспекторат и ќе се објавуваат во месечен билтен за транспарентност.
5. Целосна ревизија на сите постапки за градба – Османи најави дека од првиот ден ќе биде спроведена детална анализа на сите постојни градби, дозволи и објекти во процес. „Нема да дозволам никој повеќе да го изигрува законот. Ќе се утврди кој и како дозволил да се гради“, рече тој.
Во своето обраќање до јавноста, Османи истакна дека борбата со урбаниот криминал бара конкретни механизми, не само политички декларации.
„Градежниот криминал не се решава со изјави, туку со механизми на контрола и транспарентност. Овие алатки се мојот одговор – тие се системски, јавни и оперативни“, потенцираше тој.
Османи порача дека Чаир мора да го врати редот во урбанизмот ако сака да има квалитетен и безбеден животен простор:
„Ако сакаме Чаир да биде општина со ред, мора да ги ставиме под лупа бесправното градење, урбаната мафија и политичките покровители. Јас сум подготвен.“ заврши Османи.