Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во рамки на учеството на Анталија дипломатскиот форум, денеска се обрати на панелот насловен „Дијалог за помирување на Балканот“, на кој говореше за влошената безбедносна и гео-политичка ситуација во Европа по инвазијата на Русија врз Украина.
Тој смета дека ЕУ треба итно и без одлагање да вбризга нов подинамичен моментум во евро-интеграцискиот процес на сите земји од Западен Балкан.
Османи истакна дека регионот и покрај демократските дефицити и слабости има важна улога во и за Европа.
„Целосното интегрирање е од директен политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција кон стабилен и просперитетен регион. Впрочем, регионот е опколен со земји членки на ЕУ и не смее да се дозволи да биде ранливата точка на континентот, а ЕУ не смее повеќе да го третира пристапниот процес на Западен Балкан како отворено прашање“ – посочи Османи.
Учесниците на панелот дискутираа за мирот и стабилноста на Балканот како суштински за мирот и стабилност во Европа и пошироко.