Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во Тирана изјави дека е убедена дека еден ден, по победата во војната со Русија, Украина ќе ја признае независноста на Косово.
По пристигнувањето на Самитот за Украина, чиј домаќин е Албанија, Османи рече дека на самитот ќе се разговара за безбедносни прашања и поддршка за Украина во борбата против руската агресија.
„Признавањето на независноста на Косово од Украина ќе дојде заедно со победата во војната против Русија“, рече таа и додаде дека тоа се билатерални прашања и оти Косово ќе продолжи да упатува такво барање со целосно разбирање дека Киев е во војна.
На новинарско прашање дали постои можност за конфронтација со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој исто така учествува на самитот, Османи рече дека секогаш ќе има, бидејќи „Вучиќ живее во минатото“.
Во Конгресната палата во Тирана денеска почна Самитот за Украина, на кој се собраа претседателот на Украина Володимир Зеленски, лидерите на земјите од Југоисточна Европа и претставници на ЕУ.
Зеленски и Рама како домаќини на средбата заедно ги пречекаа учесниците пред Конгресната палата во Тирана.