Османи: Следната мисија на ДУИ е претседател на државата

Портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека следната мисија на партијата е претседател на државата.

-Талат Џафери ќе биде првиот премиер Албанец, вториот пат повеќе нема да биде тема кога ќе има втор премиер Албанец, бидејќи и премиерството ќе биде дел од сузбивање на етничкиот монопол. И само уште една позиција каде што има етнички монопол е претедателот на државата, но тоа е следната мисија на ДУИ. Ова е визијата и мисијата на Али Ахмети, кој како што сум кажал мандат по мандат, поглавје по поглавје, дел по дел го создава мозаикот на неговата визија, изјави Османи на партиски настан во Чаир.

Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа дека следен проект на ДУИ е заминување во длабока опозиција.

Според нив со назначувањето на Џафери за технички премиер на Македонија и се случува целосна дуизација, а за тоа директно го обвинуваат Ковачевски.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе уечствува во техничката влада со свои министри и заменици, велат одлука ќе се носи во наредниот период.

И додека на местото на Димитар Ковачевски на сто дена пред изборите ќе седне Талат Џафери, на неговото столче во Собранието ќе седне кадар од СДСМ. Се очекува утре раководството на партијата на Извршен да го потврди името на кориднаторот на пратеничката група Јован Митрески за нов собраниски спикер.

Именувањето на премиер Албанец во предизборниот период беше дел од коалицискиот договор меѓу екс-лидерот на СДСМ Заев и Ахмети по изборите во 2020-та.

Според веќе утврдените датуми за изборите – кои партиите ги договорија на лидерската – Талат Џафери треба да ја преземе функцијата технички премиер од 28 јануари и ќе ја извршува се до изборите на 8-мај кога ќе се одржи вториот круг од претседателските заедно со редовните парламентарни избори.