Бујар Османи – македонскиот министер за надворешни работи како дел од Тројката претседавачи со ОБСЕ, заедно со неговите колеги од Полска, Збигњев Рау и од Шведска, Ан Линде, денеска на полско-украинската граница остварија средба со нивниот колега од Украина – Дмитро Кулеба.
На средбата со Кулеба, беа дискутирани потребите на украинската страна за одбрана на својата земја, и помошта што меѓународната заедница треба да ја обезбеди на Украина за справување со последиците од војната.
„Треба да направиме повеќе, не само за справување со последиците, туку и да го запреме ова лудило. Херојскиот отпор на украинскиот народ е за највисоко восхитување: додека ја бранат својата татковина, тие ги бранат и нашите заеднички вредности, нашите принципи, нашиот начин на живот, и наша должност е да им помогнеме на секој можен начин“ – рече Османи.
Како што соопшти МНР, министрите го посетија и прифатниот центар за бегалци „Млини“ во близина на граничниот премин Корчова, на полско-украинската граница.
Како резултат на руската воена агресија, милиони граѓани на Украина беа принудени да ги напуштат своите домови и да бараат засолниште пред се во соседните земји.
„Сликите од кампови и бранови на беглаци се длабоко вознемирувачки, особено за нашиот регион каде се уште се свежи сеќавањата од војните во 90-тите година“ – нагласи Османи.