
Османи се сомнева дека Уставниот суд ќе го укине Законот за јазиците по локалните избори
Според Османи, одамна се зборува дека Владата му наредила на Уставниот суд веднаш по октомвриските избори да го укине Законот за јазици, за, како што вели тој, да не му наштети на нивниот албански проект.
Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи се сомнева дека локалните избори во октомври ќе бидат претворени во референдум за албанскиот јазик и за еднаквост во државата.
Ваквата изјава на Османи, објавена на неговиот фејсбук-профил, доаѓа откако вчера претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски изнесувајќи ја неговата проценка, рече дека за да се избегне политизација и етнизација, конечната одлука за Законот за јазиците ќе биде донесена после локалните избори.
Според Османи, одамна се зборува дека Владата му наредила на Уставниот суд веднаш по октомвриските избори да го укине Законот за јазици, за, како што вели тој, да не му наштети на нивниот албански проект.
„Изјавата на Претседателот на Уставниот суд, дека одлуката ќе биде донесена по изборите, само го потврдува ова. Оваа одлука следните избори ги претвора во референдум за албанскиот јазик и за еднаквост во државата“, пишува Османи.
Костадиновски вчера, во гостување во Трилинг, коментирајќи ја претстојната подготвителна седница за Законот за употреба на јазиците, рече дека таа ќе се одржи на 19 јуни, како и дека никој не треба да стравува од одлуките на судот, зашто не станува збор за напад на нечии права.
Посочи и дека никој не треба да стравува од постапувањето на Уставниот суд, оти нема да биде ускратено ниту едно право што граѓаните го уживаат од нашиот Устав.
Уставниот суд на седницата одржана на 11 декември 2024 година одлучи да одржи подготвителна седница за иницијативите поврзани со Законот за употреба на јазиците пред да се произнесе за неговата и уставноста на дел од неговите одредби.
(Видео) Костадиновски: Законот за јазиците после локалните избори, нема потреба од страв