
Живееме во неизвесност и со бројни предизвици од домашни – последните хибридни закани преку дојавите за бомби низ институциите, па преку регионални – состојбата во односите меѓу Косово и Србија, политичката криза во Црна Гора, состојбата во Босна и Херцеговина, новото поставување бариери за мигранти, но и пошироко во геополитички контекст со фокус на руската агресија врз Украина, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на заеднички форум на МНР и Филозофскиот факултет „Актуелни меѓународни политички и безбедносни предизвици, со посебен фокус на ситуацијата во Украина”.
Сето тоа, како што нагласи министерот, изискува од сите нас внимателност со цел лоцирање на безбедносните предизвици кои се однесуваат на нас и регионот и изнаоѓање брзи и ефикасни решенија.
– Агресијата врз Украина беше пресвртна точка. Нападот на една држава врз суверена, независна држава со цел окупација мислевме ќе го гледаме само на Нетфликс, но еве се случува на нашиот континент притоа кршејќи ги основните принципи на меѓународното право. Северна Македонија во овие нови геополитички околности и регионални случувања е доверлив партнер на меѓународната заедница, но и партнер од кој може да се очекува проактивност, рече Османи.
Според министерот, нашите постигнувања во смисла на создавање функционална мултиетничка демократија од уникатен тип во регионот и нашата култура на дијалог и компромис не доведува во ситуација да можеме да придонесеме за регионот и да возвратиме за тоа што ни беше помогнато.
Османи вели дека руската агресија врз Украина можеби нема директни закани врз безбедноста на Северна Македонија, пред се заради фактот што станавме дел од НАТО, но не можеме да ги занемариме сите последици, посебно економските последици.