Османи: Свесни сме колку е важен 14. декември, одложувањето на решението на спорот со Бугарија не е добро за регионот

Македонскиот министер за надворешни работи – Бујар Османи смета дека Првата меѓувладина конференција со ЕУ би можела да се одржи и на 31. декември, доколку Бугарија дотогаш го тргне ветото. Сепак, доколку тоа не се случи, тој смета дека спорот може да премине во замрзнат конфликт, а Македонија да стане изолирана во европските перспективи, што, според Османи, не е добро ниту за двете земји, а ниту за регионот.

„Сите се свесни колку е важен 14. декември, но не само 14-ти, бидејќи и до 31 декември може словенечкото претседателство, доколку добие сигнал од Бугарија дека го подигнува ветото дури и на 30. декември словенечкиот министер за надворешни работи може да свика онлајн состанок на министрите и да се одобри и истиот ден да се одржи меѓувладината конференција. Важно е да ги држиме роковите кратки. Мојот страв е дека доколку овој спор премине во замрзнат конфликт, Република Северна Македонија ќе стане изолирана во европските перспективи“ рече Османи вечерва во гостување на ТВ Сител.

Министерот смета дека формирањето на новата Влада во Бугарија дава надеж суштински да се разговара меѓу две стабилни влади.

„Се гледа една зголемена проактивност. Во услови кога Германија цел период беше на прва линија за да се деблокира процесот, сега ја имаме и Франција повеќе од било кога“ – рече Османи.