Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната прес- конференција го најави третото издание на Преспа форум за дијалог што ќе се одржи на 15 и 16 јуни, во Струга.
Османи истакна дека со изборот на Струга оваа година за место на одржување на овогодишниот настан, се признава богатата историја на културна размена на градот, место кое инспирира отворен дијалог и продуктивни дискусии.
„На 15ти започнува трето издание на конференција Преспа Форум за дијалог, што мене особено ме радува, затоа што низ трите години на мојот мандат како министер за надворешни работи, заедно со голем број мои соработници од куќава, успеавме да изградиме традиција, да изградиме еден препознатлив бренд преку кој Република Северна Македонија станува препознатлива во регионот, во Европа, па и пошироко”, нагласи министерот Османи.
Третата едиција на ПФД се совпаѓа и со првиот јубилеј од потпишувањето на договорот од Преспа.
„Очекувам да имаме навистина успешен форум што ќе ни овозможат да го повториме успехот и со тоа да го потврдиме прераснувањето на форумот како наш бренд по кој сме препознатливи, како и да ја зацврстиме улогата на Северна Македонија како регионален лидер во промоцијата на политиките за надминување на отворени спорови, промотор на вредностите за помирување и креирање стабилност во регионот” изјави министерот.
На ПФД2023 учество потврдиле: новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, на Албанија, Бајрам Бегај; потврдени ни се и претседателите на Владата на Црна Гора и Косово, Дритан Абазовиќ и Албин Курти.
На форумот ќе учествуваат бројни министри од регионот и пошироко, меѓу кои и министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, бројни министри за европски прашања, меѓу кои Тања Мишевиќ и Мајлинда Дука, од Србија и Албанија, Питер Бурк од Ирска, Мартин Дворак од Чешка, како и претставници и на мултилатералните организации, меѓу кои и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит, генералниот потсекретар на Обединетите нации Мирослав Јенча, генералната потсекретарка на UNDP Ивана Живковиќ, како и високи претставници на бројни тинк-тенк организации од Европа и пошироко.