Османи: Прашање е дали ќе се одржеше состанокот на Отворен Балкан во Охрид ако Лавров слеташе во Србија!

„Под прашање беше ставено дури и одржувањето на состанокот на Отворен Балкан во Охрид доколку се случеше посетата на рускиот министер за надворешни работи  Сергеј Лавров на Србија“.

Ова вечерва на тв Сител го изјави шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.

Тој смета дека неодржувањето на посетата на Лавров, го охрабрува одржувањето на состанокот во Охрид.

Османи посочи дека во текот на последните денови, јасно било кажано дека ваквите чекори не не охрабруваат во овој ангажман во рамки на Западен Балкан, во рамки на регионалната соработка.

„Иако Србија, се разбира, е независна држава која што сама ги одлучува своите надворешно политички приоритети, меѓутоа во рамки на некои регионални иницијативи во кои учествуваме како што е Западен Балкан, се разбира важно ни е сите земји што соработуваме да сме на една линија на некои вредносни системи“ – рече Османи.

Македонскиот министер нагласи дека ние имаме добри билатерални односи со Република Србија, а во рамки на регионалните иницијативи, ни беше важно, подвлече, одлуката на Србија да гласа во ООН за резолуција што ја осудува руската агресија во Украина.

„Билатералните односи никогаш не се спорни и ќе продолжат да се надоградуваат. Меѓутоа регионалните иницијативи мора да бидат во рамки на некои основни вредносни принципи во кои веруваме“ – истакна тој.

Нагласи дека тоа што не се дозволи прелет на авионот на Лавров не е однос кон Руската Федерација, туку однос кон агресијата на Руската федерација во Украина односно политиките на Руската Федерација со војната во Украина.