Османи: Посетата на Фон дер Лајен доаѓа во вистинско време!

„Добредојде за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Оваа посета доаѓа во вистинско време, пред самиот крај на процесот на широки консултации околу последниот предлог од француското претседателство со Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Со денешната седница на Собранието се заокружуваат консултациите што беа покренати со сите релевантни државни и општествени чинители со цел донесување правилна одлука која ја засега нашата и иднината на нашите деца.
Оттаму уште повеќе го цениме денешното обраќање пред пратениците на Претседателката на ЕК, на кое очекуваме значаен придонес во консултативниот процес и поддршка за продолжување на нашите европски интеграции.

Ова е втор пат во нашата историја, Претседател на Европската Комисија да се обрати во нашето Собрание. Првиот пат Романо Проди, на самиот старт на нашиот евроинтегративен пат, по повод потпишувањето на Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација, и сега на самиот старт на преговорите, како финална фаза пред нашето полноправно членство во Унијата.

Европската комисија отсекогаш била докажан партнер на патот на нашиот евроинтегративен процес, стриктно и објективно анализирајќи ги состојбите и остварениот напредок преточен во извештаите за напредокот на државата. Оваа поддршка ја очекуваме и во иднина, низ текот на целиот процес на пристапни преговори“, напиша на својата официјална страна на Фејсбук – Бујар Османи, министерот за надворешни работи.