Османи: Политичката поларизација и блокадата на Парламентот – главните слабости што ги констатира извештајот на ЕК

Според она што јас го имам како информација од извештајот е дека во суштина слабостите што ги констатира Европската комисија (ЕК) се политичката поларизација и блокадата на парламентот каде што се носат законски и реформски решенија.

Ова на денешната прес-конференција го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи прашан за своите очекувања во врска со извештајот на Комисијата за напредокот на Македонија.

„Јасно во извештајот вели дека политичката поларизација и блокирањето на парламентот оневозможува да се донесат голем број на законски и реформски решенија коишто би ги адресирале слабостите коишто евентуално ги констатира ЕК и тоа навистина е сериозна порака до сите политички партии“ – изјави Османи на денешната прес-конференција.

Министерот додаде дека ова не е порака само до Владата, туку и до опозицијата која, како што рече, со години преку филибастеринг го блокира парламентот единствено поради партиско-политички дневен интерес и со тоа, како што вели, не го дозволува носењето на важни законски решенија.

„Во една каузална терапија го лечите проблемот, а не симптомот. Ова што го гледаме како детектирана слабост се симптоми на еден проблем, а проблемот е политичката поларизација односно обид да се ставаат партиските интереси над државните. Иронија е да се повикувате на борба против корупцијата, а да го блокирате отворањето на поглавјата 23 и 24 кои во суштина се борба против корупцијата. Политичари кои велат ‘сакаме да се бориме против корупцијата, но не сакаме да се отворат поглавјата’ е апсолутно контрадикторно едно со друго и е иронија и е смеење во лицето на граѓаните“ – додаде министерот.

Вака шефот на дипломатијата одговори на прашањето во врска со неговите очекувања од годинашниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава.