Северна Македонија не само што вложува максимални напори за исполнување на критериумите за членство во Европската Унија туку стана пример во целиот регион со културата на дијалог и компромисното решавање на отворените прашања. Ова денеска го посочил шефот на дипломатијата Бујар Османи за време неформалниот состанок во Брисел заедно со министрите за надворешни работи на државите членки на ЕУ и на Западен Балкан.
За време на состанокот, со кој заседавал високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, Османи нагласил дека руската инвазија на Украина, меѓу останатото, ја покажала итноста за заедничко потиснување на влијанието на недемократските трети земји во срцето на Европа.
Оттука, шефот на дипломатија додал дека е потребна стратегиска решеност за забрзана интеграција на целиот регион во Европската Унија.
„Иако не сме директно на бојното поле, сепак сме на бојното поле на наративи и дезинформации и мораме да ги избегнеме овие обиди и да се отвориме за можности преку помирување, дијалог, надминување на наследството од минатото и решавање на споровите со разбирање, почит и заемно прифатливи решенија“,нагласил Османи.
На разговорите, во чиј фокус биле актуелните состојби во земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси во контекст на неоправданата руска агресија врз Украина, Османи ја реафирмирал позицијата на земјава и политичката поддшка за Украина во контекст на нејзината независност, сувереност, но и за европскиот пат.
На маргините на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, Османи остварил билатерална средба со еврокомесарот Оливер Вархеји, на која станало збор за текот на скрининг-процесот и потребата од усвојување на уставните измени со цел продолжување на пристапните преговори.