Османи: Ние сме уверени Европејци, а ова се историски времиња за цврсти и навремени одлуки!

„Закочените интеграциски процеси за С. Македонија претставуваат извор на системска ранливост, чии ефекти негативно се прелеваат врз целиот регион. Искрено веруваме, дека ова се историски времиња кои налагаат цврсти и навремени одлуки. Императив е да се отпочне со веќе долго задоцнетиот пристапен процес на Северна Македонија и Албанија сега во јуни, за време на француското претседателство со ЕУ. Кога, ако не сега“.

Ваква порака испрати министерот за надворешни работи – Бујар Османи во обраќање на отворањето на панел дискусијата „Патот до Брисел“.

„Верувам дека сега е идеално време, да се признаат конзистентните напори на С. Македонија и Албанија и да се пресретнат со прифаќање од страна на ЕУ, како заеднички ангажман за посигурна и посилна Европа отпорна да се спротивстави на кое било трето влијание“ – изјави Османи.

Тој нагласи дека и ако ништо не се случи сега, земјава ќе остане посветена на европските реформи, но ќе страда самиот политички моментум.

„Ова не значи дека планираме да го напушиме европскиот пат. Ние сме уверени Европејци, со огромно убедување, со речиси 20 години од постигнувањето на спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ, одлични во спроведувањето и усогласувањето со европското законодавството и ќе продолжиме на тој пат“ – изјави Османи.

Бараме, рече Османи, итно отворање на преговорите за членство на С. Македонија и Албанија во ЕУ и повикуваме на преземање на сите напори за унапредување во кандидатски статус за членство во ЕУ на Босна и Херцеговина и Косово.