
„Бујар Османи не ја кажа вистината кога соопшти дека директорот на протоколот наводно поднел оставка поради згрешеното знаме за време на посетата на словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон. Вистината е дека тој добил датум и е унапреден за амбасадор во Москва. Се поставува прашањето зошто Османи ја лаже јавноста? Неспособноста е длабоко вкоренета во институциите. Како човек кој не разликува знаме, може да преставува држава?“ соопштија денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како реакција на интервју на македонскиот шеф на допломатијата.
Имено, министерот за надворешни работи Бујар Османи синоќа на ТВ24 рече дека директорот на протокол поднел оставка од морални причини поради грешката со знамињата за време на посетата на словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон, кога на масата каде што седеше таа со Османи наместо знамето на нејзината земја Словенија беше истакнато знамето на Словачка.
„Тоа беше едно од десетте знамиња и кога имате интензивна агенда се прават грешки. Директорот на протоколот поднесе оставка иако немаше никаква директна одговорност која ја прифатив. Тоа се други луѓе, а поради морална одговорност поднесе оставка, а работеше една година“ – рече Османи.