
Османи: Не знам дали изјавите на Мицкоски се само изборна математика или потсвесна омраза кон Албанците
„Ја знаете приказната за волкот? Еднаш ќе викнете, двапати, трипати и после никој не ви верува. Мицкоски веќе една година нешто најавува. Најавуваше станови во Чаир со вооружени луѓе, па најавуваше дестабилизација, па дека ДУИ ќе прави ова, ДУИ ќе прави она, и веќе гледам дека луѓето веќе не го ни слушаат. Ниту му веруваат, бидејќи можете еднаш да изнесете една шпекулација, една лага, вторпат, третпат и после не ве земаат за сериозно“, изјави денеска Османи од Чаир.
Тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски дека ДУИ и СДСМ подготвуваат таен план за хаос и манипулации со цел уривање на изборниот процес, потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Бујар Османи ги оцени како последни во низата обвинувањата од страна на премиерот, а кои почнуваат да наликуваат на приказната за волкот.
„Ја знаете приказната за волкот? Еднаш ќе викнете, двапати, трипати и после никој не ви верува. Мицкоски веќе една година нешто најавува. Најавуваше станови во Чаир со вооружени луѓе, па најавуваше дестабилизација, па дека ДУИ ќе прави ова, ДУИ ќе прави она, и веќе гледам дека луѓето веќе не го ни слушаат. Ниту му веруваат, бидејќи можете еднаш да изнесете една шпекулација, една лага, вторпат, третпат и после не ве земаат за сериозно“, изјави денеска Османи од Чаир.
Неговиот предлог до Мицкоски, како што додаде, е да престане со ваквиот наратив бидејќи изгледа лошо.
„Сепак е премиер и на мојата државата и важно ми е да не дава такви изјави со коишто станува несериозен пред граѓаните“, додаде поранешниот шеф на македонската дипломатија и актуелен кандидат за градоначалник на Чаир.
Според него, она што ја загрижува Демократската унија за интеграција, чиј потпретседател е тој, е тоа што државата скршнува од европскиот пат, што, како што кажа, се гледа и по тоа што веќе никој во неа веќе не зборува за преговори со Европската Унија.
„Никој веќе не зборува на тема за започнување преговори со ЕУ. Земјата скршнува во еден просрпски, во еден проруски свет. Системот на вредности се менува. Никој веќе не зборува за транспарентност, за демократичност, туку за авторитарност, за национализам“, кажа Османи.
За креирањето на ваквата ситуација тој го обвини премиерот и Владата, кои со своите политики, како што рече Османи, се обидуваат да ги маргинализираат и дискриминираат Албанците од државните институции и со тоа едноставно да ги исклучат од системот.
„Вие гледате дека во ниту еден тим на Мицкоски нема ниту еден Албанец, во неговиот кабинет нема ниту еден Албанец, во посетите што ги прави во странство нема ниту еден Албанец, од централните институции ги исклучува Албанците“, кажа тој.
Сепак, како што посочи тој, ваквата ситуација на создавање поделби и страв, најмногу ги загрижува Македонците во Чаир, на кои им е важен соживотот. Против ваквите политики на владејачкото мнозинство, според Османи се и луѓе што припаѓаат кон традиционалното гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што кажа, секој ден ги среќава при своите обиколки на скопски Чаир.
„Јас секој ден тропам на вратите на жителите на Чаир и контактирам со многу Македонци, кои сами ми велат дека ова што го прави Мицкоски, со обидот за понижување на Албанците, за поделби, за создавање страв кај Македонците од Албанците ги загрижува пред сè Македонците во Чаир, бидејќи тие се малцинство овде и ним им е важен соживотот. И кога слушаат како премиерот секој ден ги навредува нивните сограѓани, им кажува дека ќе ги влечеме за уши, како тие не ја сакаат државата, се обидува едноставно да ги исклучи од системот. Ова ги загрижува Македонците во Чаир, за тоа што велам , ако премиерот воведува ваква пракса, каков ли ќе биде одговорот. И затоа јас им кажувам, најважен во Чаир ни е соживотот, не ги слушајте националистичките пароли бидејќи целат им е изборна, затоа што анкетите и кај нив покажуваат пад (на поддршката) од 150 000 гласа. И сега се обидуваат на сметка на ДУИ, на сметка на некоја албанофобија што тие сметаат дека ја има во вмровскиот електорат. Верувајте со граѓани коишто гласаат за ВМРО-ДПМНЕ се среќавам секој ден, и на нив најважен им е соживотот, и на нив најважно им е почитувањето меѓу Македонците и Албанците, и многу се лути на премиерот што постојано се обидува да ги навредува Албанците за да добие политички поен плус. И тоа е мојата порака“, рече Османи.
Прашан зошто ДУИ го блокира носењето на три закони во Собранието (за локална самоуправа, измените на Изборниот законик и за Народен правобранител), бидејќи без нивна поддршка нема Бадентерово мнозинство, потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир се осврна на измените на Изборниот законик, посочувајќи дека никогаш во историјата на државата не се случило изборните правила да бидат донесени еднострано, односно без консензус.
„Секогаш и во најполазираните времиња, кога немало ниту комуникација меѓу политичките партии, изборните правила се носеле со консензус, бидејќи мора така да биде. Ако влегуваме во една изборна трка мора сите да се согласуваме. Прв пат се случува за изборни правила да се донесе законско решение без консензус од најголемата опозициска партија. Гледате според анкетите ДУИ не е само најголема опозициска партија на Албанците, туку воопшто најголема опозициска партија во државата, и пред СДСМ. Така што не може без ДУИ вие да донесете правила“, рече Османи.
Заокружувајќи го одговорот на прашањето тој повтори дека целта на Мицкоски е да ги исклучи Албанците дури и од изборните правила, за што кажа, дека не знае дали е само изборна математика или станува збор „за некоја потсвесна омраза што постои кај него кон Албанците“.
„Меѓутоа тоа што мене најмногу ме прави среќен е тоа што тоа посебно ги загрижува Македонците овде, коишто се многу лути на премиерот и на Владата коишто се обидуваат да донесат раздор меѓу двете најголеми етнички заедници“, подвлече кандидатот за градоначалникот на Чаир од редовите на ДУИ.